Свет
11. April 2017 - 11:21

Асад: Сирија и Северна Кореја заеднички против големите сили

Сирискиот претседател Башар ал Асад му порача во честитката на лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун, по повод 105-годишнината од раѓањето на основачот на земјата Ким Ил-сунг, дека двете земји водат заедничка борба против доминацијата на големите сили. 

- Како две пријателски земји ја славиме оваа годишнина и во истовреме водиме војна против „нездравите“ амбиции на големите сили за сите земји да ги подлажат со нивните експанзионистички и хегемонистички политики, стои во писмото на Асад. 

Наведувајќи дека Дамаск и Пјонгјанг се борат за свое право на самоопределување, национален суверенитет и безбедност, Асад изрази уверување дека односите меѓу двете земји ќе се интензивираат во согласност со интересите на двата народи, јави ТАСС. 

Асад испрати уште едно писмо во кое му честита на Ким Џонг-ун за петтата годишнина од неговото стапување на должност како претседател на Северна Кореја, нагласувајќи дека тоа ја потврдува довербата на лидерството и народот.