Свет
22. September 2016 - 15:07

Асад: САД се виновни за прекинот на договореното примирје

Сирискиот претседател Башар Ал Асад изјави дека американските воздушни напади на воените трупи на сириската влада на истокот на земјата се намерно изведени, и тоа во траење од еден час. Тој исто така ги обвини САД за колапс на договорот за прекин на огнот, кој беше договорен со Русија.

Асад изјави дека војната која трае подолго од пет години, веројатно нема крај поради тоа што неговите противници постојано добиваат поддршка од странство.

Асад смета дека САД немаат волја да се придружат на Русија во борбата против исламските милитанти во Сирија.

Сирискиот претседател воедно ги отфрли обвиненијата дека сириски или руски авиони бомбардирале хуманитарен конвој во Алепо и негираше дека неговата војска ја спречува доставата на храна во деловите на градот кои се под контрола на бунтовниците.