Фудбал
29. јуни 2017 - 15:45

Aрсенал ќе го „преспие“ преодниот рок?!

Тренерот на Арсенал, Арсен Венгер, одвај го „преживеа“ крајот на минатата сезона и со освојувањето на ФА Купот барем малку ги смири оние кои повикуваа на негова смена.

Но, откако речиси месец дена од преодниот рок никого не доведе, Венгер повторно е цел на критиките.

Арсенал на Монако му понуди 35 милиони евра за Томас Лемар, а на Лион 55 за Алесандре Лаказети, но обете понуди се одбиени бидејќи се многу пониски од парите кои овие клубови ги очекуваат за своите играчи. Претходно Монако одби 100 милиони евра за Килијан Мбапе, а Јувентус не сакаше да слушне за 20 милиони евра колку што Венгер понуди за Хуан Квадрадо.

Кога се во прашање Лемар и Квадрадо, Венгер понуди речиси половина помалку од она што клубовите барат и никого сѐ уште не купил. Тоа наиде на бран критики на навивачите на Арсенал, кои на Твитер се шегуваат, но и се лутат на францускиот тренер.

„Продај ги нашите најдобри играчи. Нуди половина помалку за засилувања. Панично купувај во последните минути. Без грижа, Венгер држи сѐ под контрола“, е еден од саркастичните коментари на сметка на тренерот на Арсенал.

Навистина, прашање е како неговиот тим ќе изгледа следната сезона. Алексис Санчез сигурно заминува, Месут Озил и Оливер Жиру исто се на излезна врата, а Емиратес би можел да го напушти и Алекс Окслад-Чемберлен. Дури и некои клубови да ги прифатат неговите нереални понуди, Арсенал ова лето не е атрактивна дестинација.