Македонија
24. September 2017 - 16:15

Архимандритот Јоаникиј Ракотински прогласен за светител

Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци од денеска се запишува во книгата на светиите. Церемонијата на прогласување за светител се одржа во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје. Во храмот се одржа литургија со која чиноначалствуваше архиепискотот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сосолужение на сите членови на Архиерејскиот синод на МПЦ и свештенство од сите епархии на МПЦ.

Одлуката на МПЦ за впишување на Јоаникиј Ракотински во списокот на светиите ја прочита епископ хераклејски Климент, а беше осветена и иконата на Јоаникиј Ракотински.  

Претходно, во осум часот од мостот „Гоце Делчев“ тргна свечена литија со моштите на преподобниот Јоаникиј Ракотински кои беа пренесени во соборниот храм.

Јоаникиј Ракотински, македонски архимандрит, учител, лекар и православен свештеник, бил роден во Охрид, а се упокоил во скопското село Ракотинци. 82 годишниот Драган Тодоровски, жител на село Ракотинци сеуште се сеќава на чудата кои се случувале по смртта на светецот.

Прогласувањето на Архимандритот Јоаникиј за светец е дел од празнувањето на 50-годишнината од возобновувањето на автокефалијата на Охридската архиепиекопија во лицето на МПЦ.