Македонија
22. September 2017 - 16:14

Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци во недела ќе биде прогласен за светител

Прогласувањето на Архимандритот Јоаникиј Ракотински за светител ќе биде централниот настан од прославата на 50 годишнината од возобновувањето на Автокефалијата на ОА во лицето на МПЦ. Од Скопската епархија денеска соопштија дека чинот на неговото впишување во книгата на православни светители почнува во сабота со вечерна богослужба и помен за Светиот Јоаникиј Ракотински.

Главната манифестација ќе се одржи во недела. Со свечена литија која ќе почне од мостот “Гоце Делчев” и ќе заврши пред Соборниот Храм, ќе се изврши пренос на моштите на светителот. Во истовреме во Соборниот Храм ќе почне и светата литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ, гг Стефан, во сослужение на сите членови на Архирејскиот синод на МПЦ.

Моштите ќе останат изложени во Соборен Храм се додека не биде изградена црквата посветена на светите Константин и Елена, а потоа ќе бидат префрлени таму. Од Скопската епархија велат дека преку овој настан кој се случува еднаш во 100 години, се изразува животот на нашата црква.

Светиот Јоаникј од Ракотинци по 40 години од неговата смрт, кога беше откопано неговото тело се уште не беше распаднато. Денес 30 години подоцна нетрулежните мошти имаат значење на светост, и сите верници ќе имаат можност да се поклонат пред нив. Претходно, по повод 50 годишниот јубилеј на МПЦ, годинава се канонизирани и Севтиот Кипријан Слепчевски и Светиот Гаврил Велички Светогорец.