Македонија
23. јуни 2017 - 17:33

Арената Филип Втори ќе биде подготвена за Супер купот

Не е загрозено одржувањето на натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид на  Арената Филип 2, уверуваат од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Директорот Цветко Гроздановски вели дека пропустите утврдени од контролорите на УЕФА се технички и навремено ќе се отстранат.

Ваквата реакција од Акционерското за станбен и деловен доаѓа по синоќешната владина седница на која се разгледувало одржувањето на Суперкупот и реализирањето на превземените обврски за исполнување на потребните критериуми. Според директорот Гроздановски, наведените пропусти не го доведуваат во прашање одржувањето на натпреварот.

На обвинувањата за неподготвеност на арената за одржување на суперкупот, реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека партијата додека беше на власт, редовно пристигнуваа позитивни оценки од УЕФА, а моменталните забелешки беше предвидено да се елиминираат токму во овој период.

Сместување на возилата за телевизискиот пренос, недовршената климатизација во дел од просториите на стадионот, документ за моќноста и напојувањето на системот за осветлување се дел од забелешките за стадионот во Скопје. Од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор велат дека овие недостатоци ќе се отстранат до 15-ти јули кога е најавена последната контрола на УЕФА.