Македонија
27. March 2017 - 11:25

„Апокалиптикум“ на Драган Даутовски за отворање на 40. Денови на македонска музика

Со „Апокалиптикум“ - концерт на инструментална музика на Драган Даутовски, во Македонската опера и балет вечер ќе бидат отворени 40-тите Денови на македонска музика (ДММ). На манифестацијата, која ја организира Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), до 13 април ќе има уште десет концертни термини, како и работилници, презентации и предавања.

Драган Даутовски на концертот за отворањето на ДММ ќе настапи на традиционални инструменти, ќе свири на тамбура, на стаклена окарина (топчеста флејта) и стаклен кавал, специјално изработени за него. На удиралки ќе го придружува неговиот син Ратко Даутовски. На прес-конференцијата Даутовски рече дека ќе изведат само инструментални дела.

- „Апокалиптикум“ ќе прикаже животворни звучни енергии, што ќе биде показател дека треба да се вратиме кон некои изворишта. „Апокалиптикум“ ќе проговори на прајазикот на музиката, рече Даутовски, додавајќи дека проектот ја носи пораката дека човекот треба да се сврти кон духовното и да остане човек. Очекува дека „Апокалиптикум“ ќе живее и по ДММ - на други сцени низ Македонија и во странство, а дека амбиенталната музика што ја нуди овој проект ќе биде објавена и на носач на звук. 

Јубилејните Денови на македонска музика се одржуваат во јубилејна година и за СОКОМ - кој одбележува седум децении постоење. Токму затоа програмата за Деновите била конципирана да содржи што повеќе македонски автори.

Според селекторката Јана Андреевска, составувајќи ја програмата си поставиле задача да претстават што повеќе автори кои се или биле членови на СОКОМ. Така што, покрај различни жанрови, на годинашните ДММ ќе има и дела  од различни генерации македонски композитори - од постарата генерација и основоположници како Гајдов, Прокопиев, Скаловски..., од втората генерација - Зографски, Прошев, Властимир Николовски..., како и млади автори.

- Не беше можно сите автори да бидат вклучени во програмата - или поради немање термини или зашто немавме соодветни ансамбли за изведба, рече Андреевска на прес-конференцијата, посочувајќи дека некои од композиторите кои не се опфатени на ДММ ќе бидат застапени во други пригоди со кои ќе се чествува јубилејната година на СОКОМ. 

По концертот на Даутовски, следен термин на ДММ е 29 март, кога во Музеј на Град Скопје концерт ќе одржи ансамблот „КонТемпора“. Следуваат  концертот на Биг бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници (1 април, Дом на АРМ), концерт на акузматична музика со танцов перформанс на ученици и студенти од „Илија Николовски-Луј“ и од ФМУ (3 април, МОБ), концерт на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ за 80-годишнината од раѓањето на композиторот Благој Цанев (4 април, МОБ), концерт на Камерниот мешан хор „Проарс“ (7 април, Музеј на Град Скопје), концерт на Гудачкиот квартет „Антарја“ од Полска (8 април, Музеј на Град Скопје).

На 10 април во Музеј на Град Скопје концерт ќе има ансамблот „Нуове музике“ од Италија, на кој ќе настапи и македонскиот тенор Благој Нацоски. Два концерта, на 11-ти и на 12 април во Музеј на Град Скопје, ќе одржи ансамблот „Хоризонте“ од Германија, а со концертот на Македонската филхармонија и американскиот виолончелист Гал Фаганел, на 13 април во Дом на АРМ ќе биде затворена јубилејната манифестација.

Од СОКОМ соопштија и дека ДММ се организирани во соработка со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност, а соработуваат и со странски фондации кои го помагаат гостувањето на ансамблите од други земји.