Македонија
21. February 2018 - 16:17

Апелација одлучи - Арнаудов, Дамовски и Илиевски во домашен притвор, Чавков останува во Шутка

Излегуваат од притвор пратеникот Љубен Арнаудов и организаторите на протестите за „Заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски кои се осомничени за насилствата во собранието од 27 април. Апелацискиот суд ги прифатил нивните жалби  па наместо притвор во затворот Шутка, мерката е заменета со домашен притвор а за претпазливост им се одземени патните исправи. Скопска Апелација одлучила во домашен притвор да заминат и Јане Ченто кој вчера на јавна седница побара ослободување, Иван Цветановски кој работел во кабинетот на поранешниот собраниски спикер Вељановски како и Оливер Радулов од УБК.

Инаку вчера на јавна седница Апелацискиот суд ја разгледуваше и жалбата на поранешниот Министер за внатрешни Митко Чавков кој побара да излезе од притвор со објаснување дека тој не сторил ниту едно кривично дело со кое ја загрозил безбедноста на државата.. Од Апелација не ја прифатија жалбата по што Чавков остана во притвор а судот ги потврдил и мерките определени од кривичниот суд со кои во домашен притвор останува Јохан Тарчуловски, а отфрлени се и жалбите на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.

Инаку за околу една недела кривичниот суд ќе треба редовно да се произнесе за мерките на осомничените од настаните во собранието на 27 април за четвртиот месец од отворената истрага.