Македонија
12. January 2018 - 16:19

Апелација ги отфрли сите жалби за притворите за 27 април

Сите лица притворени поради настаните во македонското Собрание на 27 април остануваат во притвор.  Апелациониот суд Скопје, по одржаните јавни и нејавни седници донесе одлуки со кои ги одби како неосновани жалбите на обвинетите и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Во решението на Апелација се вели дека осомничените Владо Јовановски, Митко Чавков, Игор дурловски, Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Радулов, Богдан Илиевски и Илија Славевски да останат во притвор.

На јавните седници кои се одржаа изминатите два дена , единствено за актерот Владо Јовановски, претставникот од ВЈО Јован Цветановски побара судскиот совет да го повлече решението за притвор. Цветановски тогаш истакна дека Советот на Основен суд Скопје 1 при продолжувањето на притворот погрешно ја утврдил фактичката состојба. Но судиите ни во овој случај не го прифатија предлогот за изрекување на поблага мерка.

Се уште нема одлука за случајот кој денеска се разгледуваше во Апелацискиот суд, за притворениот пратеник Сашо Василевски. Василевски е осомничен дека заедно со други пратеници ги отворил вратите во Собранието, за време на случувањата од 27 април. Неговиот адвокат Александар Новаковски пред судот истакна дека е прекршена постапката за одземање на имунитетот и дека судот мора да ја исправи таа грешка. Тој посочи дека Василевски бил во Бугарија дента кога му било кажано дека ќе биде приведен за тероризам и веднаш, доброволно, се вратил во Македонија.

Но и во случајот со Василевски, претставникот на Вишото обвинителство рече дека жалбата треба да се одбие како неоснована бидејќи постојат околностите поради кои притворот му е одреден.

За настаните од 27 април, во моментов 11 лица се во истражниот затвор Шутка.