Тенис
13. January 2017 - 15:13

AO: Ѓорческа против Швајцарката Фогеле во последната квалификациска рунда

Стефани Фогеле од Швајцарија е последната пречка која стои на патот на најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, до пласман на главниот турнир, на првиот грен слем во сезоната, Аустралијан Опен.
 
Фогеле (26) во второто коло, по еден час и 54 минути игра ја совлада сонародничката Амра Садиковиќ со 6:1, 6:7, 6:2.
 
Швајцарката е искусна тенисерка, која во кариерата има настапи на сите грен слем турнири. На Аустралијан Опен до главната фаза стигнувала пет пати, а во 2010, 2014 и 2015 година успеала да го мине првото коло. Најдалеку на грен слем турнирите стигнала на Роланд Гарос во 2013 година кога играла во третото коло.
 
Фогеле има освоено седум ИТФ турнири, а во кариерата заработила речиси 1,8 милиони долари.
 
Стефани Фогеле е прва носителка во квалификациите на Аустралијан Опен, а моментно се наоѓа на 111-то место на ВТА листата. Најдобар пласман на ВТА листата во кариерата и е 42-то место на 11.ноември 2013 година.
 
Мечот помеѓу Лина Ѓорческа и Стефани Фогеле ќе се игра на 14.јануари, а нема да започне пред 4:00 часот наутро по македонско време.