Свет
12. December 2016 - 20:06

Антонио Гутереш положи заклетва за генерален секретар на Обединетите нации

Поранешниот премиер на Португалија Антонио Гутереш положи заклетва на функцијата генерален секретар на Обединетите нации, која ќе ја презеде од Бан Ки-мун на 1 јануари 2017 година.

Вториот петгодишен мандат на оваа функција на Бан му завршува на 31 декември, а за време на специјалната пленарна седница, му беше оддадена почит на Бан за неговите заслуги и достигнувања.

Поранешниот комесар за бегалци на ОН беше избран со акламација во Генералното собрание на ОН во октомври, откако претходно ја доби довербата во Советот за безбедност.

Гутереш (67) станува деветиот генерален секретар на ОН во нејзината 71-годишна историја, а неговиот мандат е на пет години со можност за реизбор.

- Јас сум целосно свесен за предизвиците со кои ОН се соочуваат, како и за ограничувањата кои ги има функцијата генерален секретар, изјави Гутереш во неговото прво обраќање до Генералното собрание по неговото именување за генерален секретар.

Тој рече дека драматичните проблеми во денешниот комплексен свет можат само да инспирираат „понизен пристап“, затоа што генералниот секретар сам ниту ги има сите одговори, ниту сака да ги наметне своите гледишта. пристап со кој генералниот секретар ќе овозможи простор за работа, ќе се постави како обединувач, посредник, градител на мостови и чесен посредник за да помогне во изнаоѓање решенија, од кои ќе имаат корист сите кои се вклучени.