Македонија
21. јуни 2016 - 16:53

Анкета: Опаѓа поддршката за членство во НАТО и ЕУ

Македонските граѓани се уморија од чекање пред вратите на Европската унија и НАТО. Од едно до друго истражување на јавното мислење, се помала е поддршката на граѓаните за интегрирање во евроатланските институции. Последното истражување на Институтот за политички истражувања во соработка со институтот за човекови права од универзитетот Колумбија покажува дека една четвртина Македонци би гласале против влез во Европската унија доколку утре се одржи референдум, а позитивно би се изјасниле 67%. Слични се бројките и кога станува збор НАТО.

И покрај желбата за брза интеграција, македонските граѓани не се подготвени за тоа да платат со промена на името. 65% анкетирани не би се согласиле со промена на името во замена за интеграција во евроатланските структури, а 28,3%, главно етнички Албанци немаат проблем Македонија да добие друго име иако ставот на граѓаните е дека е многу важно, Македонија и Грција брзо да најдат решение.
Анкетата покажува дека поради спорот со Грција Македонците најголем непријател гледаат во својот јужен сосед, а за најпријателски земји ги сметаат Германија, Турција, Русија и Србија.

И покрај отвореното прашање, македонските граѓани остануваат оптимисти дека во иднина ќе се подобрат односите со соседна Грција. Во тоа веруваат над 39% анкетирани, додека 35% сметаат дека тие ќе останат исти.
Анкетата е спроведена телефонски врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници во март годинава. Иста таква анкета е спроведена и во Грција, а резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на месецот.