Балкан
22. March 2017 - 10:44

Анкета: Грците сметаат дека мигрантите се закана за земјата на повеќе нивоа

Речиси две третини од Грците ги сметаат мигрантите за закана на економски, социјален и културен план, покажа истражување што го спроведе Националниот центар за социјални истражувања (ЕККЕ).

Од луѓето што учествувале во истражувањето, 65 проценти рекле дека мигрантите се лоши за грчката економија, 59 проценти сметаат дека тит ги земаат нивните работни места, а 59 проценти дека користењето на здравствените и социјалните услуги од страна на мигрантите е поголемо од нивниот придонес во однос на даноците.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, истражувањето исто така покажа дека 63 проценти од Грците сметаат дека земјата станала „полошо место за живеење“, како резултат на мигрантите, а 57 проценти рекле дека културниот живот на Грција се влошил поради нив, наместо да се збогати.

Една третина од испитаниците рекле дека Владата не смее да биде премногу дарежлива во доделувањето на статус на бегалец на апликантите и 44,4 проценти сметаат дека Владата ги третира мигранти кои пристигнале во Грција во последниот миграциски бран подобро од локалното население, во помала или поголема мера, 29,2 проценти велат мигрантите и локалното население исто се третираат и 26,5 проценти сметаат дека тие се третираат многу или малку полошо.

Грците исто така многу негативно се изјасниле за муслиманите, со четири од 10 лица кои сметаат дека Грција не треба да ги прифати сите муслимански доселеници и уште четири од 10 рекле дека нивниот број треба да е ограничен во голема мера.

Анализирајќи ги резултатите, истражувачот на ЕККЕ, Ангелос Трамунтанис изјави дека заклучокот е оти Грците ја гледаат миграцијата како закана на две нивоа: на ниво на економската и социјалната состојба во земјата, како и на ниво на идентитетот.