Балкан
4. May 2017 - 22:01

Анкара незадоволна од одлуката на грчкиот суд да ја блокира екстрадицијата на турските војници

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека Анкара повторно е разочарана  од одлуката на грчкиот Апелационен суд, што денеска го одби турското барање за екстрадиција на последните двајца, од вкупно осум, турски војници, кои избегаа во Грција во јули по осуетениот обид за преврат во Турција, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“. 

Екстрадицијата на останатите војници беше блокирана во текот на последните две недели. 

Турското Министерство посочи дека станува збор за одлука донесена со „политички мотиви“.

- Ние не можеме да ја видиме поддршката и соработката, што треба да ни ја укажат нашите сојузници во борбата против тероризмот и криминалот, посочи Министерството. 

Турското Министерство истакна дека одлуката „неизбежно ќе ги засегне билатералните односи“, како и заедничката работа по регионалните прашања. 

Турција тврди дека предметните војници се вмешани во обидот за преврат, и поднесе второ барање за екстрадиција во јануари откако Врховниот суд на Грција го отфрли првото барање. 

Осуммината војници се приземјија со воен хеликоптер на аеродромот во градот Александруполис неколку часови по неуспешниот обид за преврат во Турција. 

Тие веднаш поднесоа барање за азил во Грција, наведувајќи дека стравуваат за сопствените животи, но негираа дека учествувале во пучот.