Македонија
22. January 2016 - 16:12

Англиски и француски продуценти посетија локации низ Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска имаше средба со претставници на раководствата на филмските продукции „Marnie Digital“ од Франција и „2017 Films“ од Велика Британија, кои на покана и по претходно остварената средба со неа во Париз, неколку дена престојуваат во Македонија.

Продуцентите од Франција и Велика Британија активно работат на заедничко филмско остварување - француско-англиска копродукција во која ќе бидат вклучени светски познати актери, а снимањето ќе почне на крајот од 2017 година.

- Продуцентите изразија подготвеност својот следен интернационален високобуџетен филмски проект кој го реализираат заедно да го снимаат во нашата земја, која во филмската дејност се етаблираше како дестинација со интересни филмски локации и атрактивни стимулативни мерки, како што се правото на поврат на ДДВ и ниски даноци. На средбата министерката за култура ги афирмираше заложбите на Владата во областа на филмската дејност, а ги акцентираше и измените на Законот за филмска дејност со кои значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи кои веќе се заинтересирани да снимаат во Македонија, соопшти Министерството за култура.

Продуцентите се заинтересирале во тој голем интернационален проект да учествуваат и продукциска куќа и филмски професионалци од Македонија, а музиката за филмот да ја компонираат наши автори. 

Посетиле неколку локации во Битола и во Прилеп и ги запознале потенцијалите и природните ресурси што ги поседува Македонија за снимање големи филмски проекти. Ја посетиле и локацијата во општина Зелениково каде е предвидено да се изгради филмско студио.

Гостите, како што соопшти Министерството за култура, оствариле и средби со повеќе македонски актери и композитори и со наши компании за продукција и постпродукција, меѓу кои „ФХ3Х“, „Вертиго“, интернационалниот оркестар ФАМЕС.., со  кои  се можни конкретни соработки во иднина. 

- Претставниците на реномираните компании најавија дека во јуни годинава, кога се очекува да бидат прецизирани повеќе аспекти од реализацијата на нивниот филм, повторно ќе дојдат во Македонија кога ќе посетат нови локации и ќе остварат средби со македонски композитори кои веќе работеле на интернационални филмски проекти, додава Министерството за култура.