Бизнис
21. December 2017 - 18:38

Анѓушев-Стафансон: Мерките од Планот за економски раст можност за инвеститори од Шведска

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, оствари средба со шведскиот амбасадор во Македонија Матс Арне Стафансон.

Вицепремиерот ги презентираше мерките од Планот за економски раст и потенцираше дека со мерките, Владата овозможува поддршка подеднакво за странски и домашни компании, притоа ги покани шведските компании да инвестираат во Македонија, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.

- Охрабрувачки е што симулациите кои се направени покажуваат дека со новата економска програма ќе им биде обезбедена уште подобра поддршка на странските компании кои ќе инвестираат во Македонија, а притоа директно ќе се влијае на создавање на одржлив и побрз економски раст на македонската економија, се наведува во соопштението.

Двајцата се согласиле дека мерките се значајни за поттик на економијата, како и за тоа дека за економски раст потребно е да биде обезбедно владеење на правото и стабилна политичка состојба.