Бизнис
13. July 2017 - 16:12

Анѓушев: Македонија доби 70 милиони евра за доизградба на пругата кон Бугарија

Македонија доби 70 милиони евра грант од Европската Унија за изградба на една од трите делници од пругата до Бугарија.

Се работи за вториот дел од пругата, од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри кој чини вкупно 152 милиони евра.

Вицепремиерот Анѓушев, кој беше дел од делегацијата на самитот во Трст, вели дека неповратните средства се знак дека ЕУ го препознала реформскиот слух на новата влада, по што ги деблокирала средствата за инфраструктурни проекти.

- Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот самит во Трст и од вкупно 194-те милиони евра грант наменет за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, земјава доби 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до крива Крива Паланка или 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Анѓушев рече дека остаткот од пругата ќе се финансира со заеми од меѓународнуите институции како ЕБРД, а грантот го прави целиот проект пофизибилен.

Меѓу вчерашните средби била и таа со претставници на Светската банка со која се дискутирало за обезбедување поддршка на домашните извозни компании и за инфраструктурни проекти.

На самитот 5 од 6 шесте држави учеснички потпишале договор за транспортна заедница на Западниот Балкан.

Европската унија планира во следните неколку години во регионот да вложи милијарда евра и да поттикне создавање на единствен економска зона со пазар од 20 милиони потрошувачи.