Фудбал
10. јуни 2017 - 20:35

Ангеловски: Ќе ја играме својата игра без разлика на противникот, па макар тоа била и Шпанија

Во пресрет на утрешниот мундијалски квалификациски меч меѓу Македонија и Шпанија, селекторот на нашата фудбалска репрезентација Игор Ангеловски нема да отстапи од офанзивната игра која „Рисовите“ ја играат во текот на сите натпревари откако тој ја презеде репрезентацијата.
 
Ангеловски на денешната прес-конференцијата најави дека „црвено-жолтите“ се подготвени за предизвикот. 
 
„Утре играме против репрезентација која е меѓу четирите најдобри во светот. Но, тоа не ме загрижува, бидејќи очекувам моите момци да го одиграат најдобриот натпревар. За ваков натпревар не е потребна мотивација. Не отстапувам од мојата офанзивна тактика и без разлика на противникот утре верувам дека ќе ни понудат нови причини за задоволство“, изјави селекторот Ангеловски. 
 
Македонија досега трипати играла пред своите гледачи против Шпанија и трипати загубила, а единствените голови ги постигна преку Горан Пандев на пријателскиот натпревар во кој „фуријата“ славеше победа со 2-3 пред шест години.