Фудбал
11. November 2015 - 12:37

Ангеловски: Да дадеме гол повеќе од Црногорците

Македонската фудбалска репрезентација утре четврток во 18ч на Филип Втори го игра првиот меѓународен натпревар под водството на селекторот Игор Ангеловски. Во Скопје во пријателска пресметка ќе гостува селекцијата на Црна Гора. 

Новиот предводник на „рисовите“ на прес конференцијата изјави дека е задоволен што двете селекции ќе настапат во најсилни состави во моментов и очекува да постигнеме гол повеќе од противникот.
„Драго ми е што доаѓаат во најсилен состав, за да ги видам можностите на мојот тим. Го заслужуваат нашиот респект, но само до почетокот на мечот. Јас ќе барам максимум од моите фудбалери со цел да оствариме позитивен резултат. Сакам да го имплементираме сето тоа што го трениравме. Да одиграме што е можно поофанзивно, да делуваме како тим, да знаеме што сакаме“, додава Ангеловски. 
Ова е второ гостување на Црна Гора во Скопје. На првото Македонија победи со 2-1. Претходно во Подгорица загубивме со идентичен резултат.