Македонија
26. September 2015 - 10:12

Ангелов: Дипломатските односи меѓу Македонија и Грција во блага нагорна линија

Ќе се осмелам да кажам дека дипломатските односи меѓу Македонија и Грција се наоѓаат во една блага нагорна линија за која веќе имаме одредени поместувања, гледајќи од фактот дека во последниве неколку месеци имаме зголемена комуникација што не беше случај претходно, изјави македонскиот амбасадор во Грција Дарко Ангелов.

Македонската амбасада во Атина организираше прием по повод 20 години од воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, односно од Времената спогодба и 24 години независност на Македонија. На приемот присуствуваа повеќе странски амбасадори, претставници на грчките власти и Министерството за надворешни работи, како и Македонци што живеат во Грција.

Амбасадорот Ангелов во својот говор на приемот истакна дека кога две земји одбележуваат годишници, вообичаено е да се оди наназад и да се анализира што се случувало. Сепак, тој се фокусира на она што доаѓа, нагласувајќи дека во односите меѓу двете земји во изминатите 20 години останаа многу неискористени потенцијали.

- Пристапот кон кој целиме и се фокусираме е на она што треба да не зближува, а не прашања што не разделуваат. И има долга листа на вакви прашања, заеднички интереси, каде заеднички ќе вложиме напори. Тоа се економската соработка, која е доста добра во последните две децении, иако се уште е далеку од оптималните нивоа, зајакнување на човечките контакти и соработка во образованието, културата и безбедноста, нешто за што силно не потсети ескалацијата на кризата со мигрантите и бегалците на нашите граници, рече Ангелов истакнувајќи дека со ваквиот приод се стигна до договорот за мерки за градење доверба.

По приемот, македонскиот амбасадор во изјава за медиумите нагласи дека е најважно што комуникацијата меѓу двете земји тргна и се случува на дневна основа. Коментирајќи го реизборот на грчката Влада, тој изрази надеж дека двете страни ќе можат да се посветaт и на поконкретни работи и резултати на тоа што е првично договорено, а тоа се мерките за градење доверба, што всушност значи и практична соработка меѓу двете држави.

-Пристапот во последните месеци е тоа што ние со години го предлагаме како држава и влада, да не ги запоставиме практичните односи на сметка на тоа што очигледно е, барем досега, непремостливо прашање што не двои, истакна Ангелов.