Бизнис
27. November 2015 - 19:49

Ангажирањето странски експерти ги прави компаниите поконкурентни и поефикасни

Се редат одличните резултати што фирмите ги добиваат од владиниот проект “Странски експерти за домашните компании”. Веќе две години малите и средните претпријатија имаат можност да ги искористат бенефитите од искуството  на експертите кои престојуваат кај нив.  Целта е да се насочат како да ги подобрат нивните производствени, маркетиншки и продажни процеси. Односно како да станат поконкурентни, не само на домашниот туку и на странските пазари.

- На двата повици вкупно имаме околу 170 апликации, од испитувањата и резултатите кои ги направивме од првиот јавен повик утврдивме дека се работи за големи придобивки за нашите компании и затоа продолживме и со вториот повик, објасни Димче Лазарески, државен советник за поддршка на мали и средни компании.

Една од компаниите која успешно го има искористено овој проект е ДУНА компјутери. Очекуваат целосните резултати од странската експертиза да бидат видливи за два до три месеци.

- Овие 20 дена додека го користевме присуството на експертот успеавме директно и во реални рамки да ги увидиме успесите и сите таргети кои што ги поставуваме дека ни се остварени. Можам да кажам дека сме целосно задоволни од мисијата и посебно сме задоволни од фидбекот и од експертизата која што можевме да ја добиеме од некој кој што европски рамки има постигнати големи успеси истакнуваат од Дуна компјутери.

Вработените имаат можност од прва рака да учат од долгогодишното искуството на Пајер, која е систем инженер од Швајцарија.

- Навистина беше големо задоволство да се работи тука, затоа што запознав многу добро обучени и многу талентирани луѓе кои сакаа да научат и беа отворени за предизвици: ќе речеа, тоа е добра идеја, ајде да пробаме како ќе функционира. Сметам дека токму поради ваквата отвореност за учење и размена на знаење е причината што успеавме за овој период да направиме многу и да преземеме добри први чекори  во вистинска насока, заклучи Пајер.

На последниот повик во април интерес да ангажираат странски експерт покажале 64 домашни фирми со 70 апликации. Кај 12 од нив мисиите се веќе реализирани, а кај останатите ќе се спроведат догодина.  Поради одличните резултати Владата и во иднина ќе објавува повици, на кои ќе можат да се јават сите домашни компании.