Македонија
14. April 2017 - 16:49

Андонов: Во програмата на СДСМ се препознаваат елементи со кои партијата ќе се обиде да ја реализира Тиранската Платформа

Албанскиот државен врв отворено се мешаат во внатрешните работи на Македонија, но тоа не значи дека македонските политичари треба да ги прифатат уцените кои се спротивни на националните интереси, смета аналитичарот Оливер Андонов. Во интервју за Радио слободна Македонија тој вели дека во владината програма на СДСМ има затскриени намери за споведување на Тиранската платформа, која оваа партија ниту еднаш досега јавно не ја отфрли.

-Платформата содржи антимакедонски ставови, содржи точки кои ја уриваат унитарноста, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, тоа е клучниот проблем, а таа платформа ја прифати Зоран Заев односно досега јавно не ја осуди. Не е важно местото каде оваа Плаформа е создадена, туку нејзината содржина. Сметам дека единствена македонската политичка партија во моментов е ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи СДСМ веќе одамна застапува ставови и интереси на туѓи држави, вели Андонов.

Ваквите ставови на Андонов се испровоцирани од последните изјави на Албанскиот премиер Еди Рама и министерот за надворешни Дитмир Бушати. Рама неколкупати досега јавно ја потврди својата улога како посредник во усвојување на документот на албанските партии, и потенцираше дека Македонија е држава на две националности Македонци и Албанци. Бушати пак, побара Тиранската платформа да влезе во македонскиот устав со цел да даде позитивни резултати и за Македонците и за Албанците.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ многупати досега јавно ја отфрли Тиранската платформа и понуди неколку решенија за излез од кризата. Лидерот на партијата Никола Груевски упати и директна порака до СДСМ.

-Јас разбирам дека кај нив фактурата е голема, дека ги притиска истата дека киријата е скапа, но неприфатливо е ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за народот таа кирија и таа фактура да ја плаќа народот и да биде завршена на грбот на народот и на државата. Токму затоа народот во толку голем број и толку долго време, како никогаш до сега секојдневно се спротивставува и пружа отпор. СДСМ треба да знае дека народот и ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат таа фактура да ја плаќа народот, вели Груевски.

Со платформата албанските партии побараа воведување двојазичност на целата територија, дебата за промена на знамето, химната и државниот грб, усвојување резолуција за извршен генцид врз Албанскиот народ, како и ослободување од затвор на етнички Албанци осудени за најтешки кривични дела.