Македонија
21. March 2018 - 16:36

Анализа: Може ли потписот на Џафери да го замени потписот на Иванов - Уставен еднаш оценил дека тоа е неуставен чин

Талат Џафери и да стави потпис наместо Иванов на указот на Законот за употреба на јазиците, тоa нема да биде валиднo бидејќи собранискиот спикер не може да го заменува шефот на државата во услови кога тој во целост си ја врши својата претседателска функција.

На ова упатува веќе донесена одлука на Уставниот суд од 1998 година, кога имало ваков обид од Тито Петковски по повод законот за знамиња на националностите. Петковски тогаш како собраниски претседател се потпишал на указот наместо Киро Глигоров кој бил на службен пат. По ова законот за знамиња бил објавен во Службен весник со два потписа од Петковски.

Една година подоцна Уставниот суд оценил дека законот е неуставен, но уште побитно: оценил дека не е уставен ни указот што го потпишал Петковски. Како што може да се види од одлуката на Судот од 18 ноември 1998 година, уставните судии во обраложението констатирале дека Указот е потпишан од претседателот на Собранието во својство на претседател на државата иако на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши.

Тогашните уставни судии се повукуваат на членот 82 од Уставот каде што е дефинирано кога собранискиот спикер ја врши и функцијата претседател на државата. Во овој член утврдени се три такви ситуации.  Првата е во случај на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на Претседателот по сила на Уставот до избор на нов шеф на државата. Вториот случај е кога нстапиле услови за претстанок на функцијата претседател што го утврдува Уставниот суд по службена должност. Третата ситуација е во случај на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата.

„Со други зборови, кога претседателот на државата се наоѓа на службен пат, значи дека тој е во функција на државата, односно дека не е спречен да ја обавува својата функција, поради што, според Судот, во таков случај, претседателот на Собранието не е овластен да го заменува“, стои во одлуката на Уставниот суд.

Џафери во последното интервју го повтори ставот дека претседателот е должен да го стави својот параф за објавување на зкаонот.

Тој не одговара дали ќе искористи втор потпис за објавување на Законот, ако сепак претседателот не го потпише указот, како што најави по прегласувањето на законот за јазици. Иванов ја врши функцијата неприкатно и во целост.