Балкан
31. August 2016 - 16:27

АНА се заканува со немири по ратификацијата на границата со Црна Гора

Договорот  за демаркација на границата помеѓу Црна Гора и Косово  треба да биде ратификуван на 1 септември, а црногорскиот претседател Филип Вујановиќ верува дека сѐ ќе заврши онака како што е предвидено во август минатата година во Виена, кога двете страни го потпишаа договорот, јави Макфакс.

 Црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ рекол дека Црна Гора не сака ниту еден сантиметар нечија територија, но дека ќе ја чува својата, како и дека не очекува сериозни инциденти на границата со Косово.

Иако официјална Приштина најави дека утре  парламентот ќе го ратификува договорот, тоа во овој момент е неизвесно бидејќи за да биде ратификуван договорот  е потребно двотретинско мнозинство.

Косовските медиуми пренесуваат дека владејачката коалиција на Хашим Тачи и Иса Мустафа тешко ќе успее да обезбеди двотретинско мнозинство и да го ратификува договорот. Заканите на „Албанската национална армија (АНА)", дека ќе има војна помеѓу Албанците и Црногорците, доколку биде ратификуван договорот за демаркација ,  ги подигнаа тензиите во делот на Чакор, каде теренот секојдневно го надгледуваат 30 припадници на специјалните сили на Црна Гора.

Владеачката коалиција има 61 пратеник, што е недоволно да се изгласа договорот дури и ако за него гласаат 20-те пратеници на малцинствата, бидејќи неколкумина пратеници од партијата на Мустафа најавиле дека ќе гласаат против.

Опозицијата бара Мило Ѓукановиќ да „врати“ осум илјади хектари плодна земја, дел во кој се наоѓаат „нивни“ катуни.

Протест против договорот за демаркација  е одржан денеска пред косовската амбасада во Тирана. Демаркацијата ги разбуди страстите и  во Косово, по што имаше низа инциденти со фрлање на експлозивни направи.

Договорот за разграничување помеѓу Косово и Црна Гора е потпишан во август минатата година во Виена и е поставен по административната линија по Уставот на СФРЈ од 1974 година.