Бизнис
24. July 2015 - 8:47

Амандманска расправа за ребалансот на Буџетот за 2015

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2015 година.

Како што образложи вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на Комисијата за финансирање и буџет, причина за ребаланс на Буџетот за 2015 година се остварените повисоки приходи кои со ребалансот се преточуваат на расходната страна за политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени.

Појасни дека нема да има кратење кај ниту еден буџетски корисник, туку со ребалансот ќе се интензивира реализацијата на повеќе проекти, меѓу кои гасификацијата, изградбата на водоводи и канализации, изградба и реконструкции на училишта и слично.

Со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат и дополнителни средства за мерките и политиките во делот на социјалната заштита на населението, особено за ранливите категории.

Вицепремиерот Ставрески очекува предвидените проекции во ребалансот да ја одиграаат својата улога и да обезбеди развојна компонента и да ги заштита сите социјални категории.

Според деловникот на Собранието, расправата во ова матично тело треба да заврши за 10 работни денови, по што ќе биде проследен на пленарна седница.