Балкан
27. March 2017 - 11:36

Албанија ја отвори архивата на тајната полиција на Енвер Хоџа

Албанската Влада ја отвори архивата на поранешната тајна полиција Сигурими, повеќе од 25 години по падот на комунизмот, со цел „пацификација на албанската политичка сцена“, на која обвиненијата за соработка со таа полиција, често без докази, се ефикасно оружје за дискредитација, пишува денеска „Јутарњи лист“.

Во архивата на Сигурими се наоѓаат милиони страници документи и десетици илјади досиеја.

За време на владеењето на Хоџа, повеќе од 100.000 лица завршиле во работни логори, 20.000 во затвори, а околу 6.000 лица се убиени или исчезнати.

Во декември 2016 година, основано е независно тело, задолжено преку архивата да ги води оние кои сакаат да ја истражат судбината на своите сакани или да испитаат некоја туѓа. Телото, исто така, е овластено за издавање „потврди за несоработка“ со комунистичкиот режим, што денес е услов за која и да е јавна должност.

„Сепак, и покрај отворањето на архивата на Сигурими, многу прашања веројатно ќе останат без одговор“, оценува „Јутарњи лист“.

- Многу документи се уништени во транзицијата, но и потоа, изјави поранешниот директор на архивата на Министерството за внатрешни работи Кастриот Дервиши. Тој дополни дека нема да биде лесно да се утврди вистината, но дека е важно до неа да се дојде, со цел да се откријат сите аспекти, на, како што вели, еден од најрепресивните режими во 20. век.