Македонија
27. July 2017 - 15:57

Алаѓозовски: Се подготвуваат измени на Законот за авторското и сродните права

Поради целокупната затечена незавидна состојба во областа на авторското право и сродните права, во Министерството за култура во тек е изработка на текстот на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во насока на усогласување со новата Директива 2014/26/EC за колективно управување со авторското право и сродните права и мултитериторијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет.

Ова го истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски на јавната расправа во врска со подготовката на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права која се одржа денеска во Националната галерија Даут -  Пашин амам.

Посочи дека поддршка за измена на Законот за авторското право и сродните права како и детални насоки на текстот на Законот, дале и неколкумина еминентни европски експерти во нивниот извештај во рамки на Твининг проектот на ЕУ „Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост“, кои се појдовна основа за подготовка на усогласувањето на законот со ЕУ Директивата за колективно управување со авторското право и сродните права, што е предвидено и во програмата на Владата за донесување во декември годинава.

Министерството за култура, нагласи Алаѓозовски, во септември ќе го даде текстот на Предлог-законот за измена на Законот за авторското право и сродните права на јавна расправа, воедно ќе се ангажира и стручна комисија од експерти од оваа област, да дадат мислење по текстот на измените. Појасни дека текстот на Предлог-законот во септември ќе биде испратен и на мислење/експертиза до експерти од ЕУ, надлежни за оваа област.

- Веднаш по донесувањето на измените на Законот за авторското право и сродните права, по вградување на новата Директива за колективно управување, Министерството за култура согласно ЕУ директивите и меѓународната пракса за оваа област, ќе пристапи кон итно разгледување и решавање на барањата од организациите за колективно управување и другите субјекти, на кои поранешното раководство на Министерството за култура и покрај својата законска обврска, не одговорило и тоа подолг период, бидејќи има барања и постапки незавршени уште од минатата година, рече Алаѓозовски.

Потенцира дека сите засегнати страни во процесот на колективното остварување на авторското право и сродните права, треба да дадат поддршка на овој процес за надминување на затечените нерешени и негативни состојби во оваа област.

- Веруваме дека со заедничко ангажирање на сите и на овој начин, ќе се создадат услови за одврзување на Гордиевиот јазол во остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права, особено унапредување на работата на организациите за колективно управување со авторските и сродните права и отварање на патот кон евроинтеграциските процеси во оваа област, додаде Алаѓозовски.

Осврнувајќи се на затекнатата состојба во областа на колективното управување со авторското право и сродните права, рече, дека таа не е ни малку розова.

Иако Законот за авторското право и сродните права од 2010 година беше целосно усогласен со постојното европско законодавство кое ги регулира авторското право и сродните права, посочи, сепак поранешното раководство на Министерството за култура пристапи кон паушално и неиздржано изменување на Законот за авторското право и сродните права во 2013, 2015 и 2016 година.

- За жал, измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права, воопшто не кореспондираа со европската регулатива и праксата на земјите членки. Напротив, спротивно на современите светски текови и европски практики, се воведоа одредби кои, по својата природа се неприменливи, па наместо напредок, предизвикаа хаос и неможност за воспоставување на функционален и ефикасен систем на колективното остварување на авторското право и сродните права, и недозволиво мешање на државата во оваа област, рече Алаѓозовски.

Потенцира дека дел од одредбите на сегашниот Закон за авторското право и сродните права, отстапуваат од современите рамки на заштитата на АПСП, создаваат несигурен правен систем, особено при спроведување на постапката за донесување на тарифите на организациите за колективно управување и определување на висината на надоместоците за користење на правата.

Според него, поранешното раководство, не се потрудило ниту да донесе решение за определување на организација која ќе биде овластена за колективно управување во случај кога е издадена дозвола на две организации за ист вид на права, иако добило мислење од Комисијата за посредување.

- Во моментов во Република Македонија постојат две организации со дозвола за КУ, за заштита на авторски музички права, ЗАМП и СОКОМ МАП. Роковите во кои требало да постапи поранешното раководство на Министерството за култура се истечени и во однос на барањата за добивање дозвола за КУ од организации за колективно управување, рече Алаѓозовски и додаде дека затекнале и две други неодговорени барања од уште две организации за колективно управување за добивање на дозвола за колективно остварување на авторското односно сродните права...

Зоран Васковски, директор на стручната служба на Здружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП), рече дека се надеваат оти авторот ќе си го заземе своето место во тоа што му припаѓа согласно законот за заштита на неговите морални права, за заштита на неговите материјални права. 

Бодан Арсовски од Македонската музичка индустрија (ММИ) изрази уверување дека Законот кој ќе се предложи, ќе биде квалитетно направен особено што ќе биде мониториран од европските институции.

- Се докажа дека на ММИ му била неправедно одземена лиценцата во декември 2015 година. Сега моментално по автоматизам ММИ си ја врати дозволата за работа односно продолжува со работа и останува да се договори понатаму што ќе биде со тарифата која наскоро ќе може да се донесе и нема да има притисоци од авторитети во државата. Правата се приватна сопственост на уметниците автори, уметниците изведувачи, уметниците продуценти. Тоа е наша сопственост и ние ќе се договараме со корисниците како тоа ќе оди натаму во користењето, рече Арсовски.

Додаде дека Министерството може да им овозможи услови, терен каде ќе се водат по Законот и ќе си ги усогласуваат нивните барања и потреби. 

Одговарајќи на прашања на носители на авторски права кои присуствува на јавната расправа, министерот Алаѓозовски рече дека бидејќи сите законски рокови се веќе истечени одлучиле да ги стопираат сите постапки, да не одлучуваат сега, туку да почекаат на Законот кој ќе се донесе за краток рок и тогаш согласно Законот, ќе преземат постапка на одлучување.

Во врска со заштитата на авторите, посочи дека авторството, творештвото им е многу битно и ќе го вратат дигнитетот на авторот и цената на авторскиот труд.

Во таа насока, појасни, ќе подготвиме целосно нов закон или стратегија во поттикнување или заштита на домашното творештво, но во вистинската смисла на зборот, а не со закони кои решаваат клиентелистички или парцијални интереси кои само го продолжуваат создавањето на некој начин на неквалитетни песни кои понатаму им се обврска на сите.

- За нас е од интерес не само присуството на авторската музика, туку и претставувањето на културата на медиумите особено на електронските медиуми, кои се во овој момент најмоќни, дека ќе најдеме начин како тоа да биде квалитетно, а не на крајот да завршува во термини само да бидат пополнувани овие проценти кои нив законот им ги налага. И тоа прашање ќе го отвориме мошне брзо. Се надевам дека со една стратегија за меѓународна соработка и меѓународна поддршка таа наша музика и сите други авторски дела ќе може да ги размениме и на меѓународен план, додаде Алаѓозовски.