Македонија
29. November 2017 - 16:26

Ал Џезира: Хојт Ји е новиот амбасадор на САД во Македонија – се уште нема назначено нов амбасадор

Назначувањето на Хојт Ји како нов амбасадор на САД во земјава на местото на Џес Бејли, повторно го актуелизира катарската телевизија Ај Џезира.

Дописникот на медиумот од Вашингтон, Ивица Пуљиќ во известувањето за новата стратегија на Стејт Департментот за Балканот тврди дека Хојт Ји доаѓа на местото на Бејли следната година.

,, Господинот Ји е многу активен, многу искусен дипломат, кој уште како млад човек во 90-тите, покрај Ричард Холбрук почна да го ,,пече‘‘ дипломатскиот занает, фантастично го познава регионот. Тој, всушност ќе биде новиот американски амбасадор во Македонија од следната година‘‘, изјава Пуљиќ.

Притоа, новинарот не дава официјална потврда на назначувањето на Ји за амбасадор во Македонија.

Од амбасадата на САД во земјава за Сител велат дека Трамп се уште не назначил никој на местото на Бејли.

,,Претседателот Доналд Трамп нема номинирано никого за позицијата Амбасадор на САД во Република Македонија. Кога ќе се случи тоа ќе биде јавно објавено‘‘, се вели во одговорот од амбасадата.

Инаку, името на високиот дипломат на Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, како нов амбасадор во Македонија се спомнуваше и претходно, посебно во неколкуте негови успешни мисии во смирување на политичката ситуација во Македонија.

Џес Бејли, пак беше назначен за амбасадор во земјава во декември 2014 година. Токму, завршувањето на мандатот на Бејли е причина повеќе за интересот за новиот американски дипломат што ќе дојде во земјава, како и името на персоналното решение.