Македонија
23. December 2016 - 17:24

Актуелната мигрантска криза со сите безбедносни ризици е најважниот предизвик за граѓаните на ЕУ

Актуелната мигрантска криза со сите безбедносни ризици стана најважниот предизвик за граѓаните на Европската Унија. Во есенскиот барометар што вчера го објави Европската комисија, две најважни прашања со кои се соочуваат Европјаните се имиграцијата со 45 проценти од испитаниците и тероризмот со 32 отсто од анкетираните. Во истражувањето, освен 28-те земји членки се опфтатени и кандидатите за членство, меѓу нив и Македонија.

Овие две клучни прашања кај Македонците не предизвикуваат голема загриженост. Па така, за имиграцијата се загриѓени 17, а за тероризмот само 4 проценти од македонските граѓани. Интересно е што за имигрантите уште помалку се загрижени Грците и Турците 15, односно 10 проценти од испитаниците. Но, затоа тероризмот е главен проблем за 58 отсто од турските граѓани, за разлика од зачудувачкиот 1 процент Грци.

И во ова истражувањето, тоа што најмногу ги загрижува македонските граѓани е невработеноста со 42 проценти, економската ситуација со 34 и растот на цените, инфлацијата и трошоците за живот за 24 отсто од граѓаните на Македонија. Економската ситуација и невработеноста се двете главни прашања за 20, односно 16 проценти од Европјаните.

Впечатлива разликата во ставот на граѓаните на Унијата и на граѓаните на Македонија има и на прашањето во која насока се движат САД, во исправна или погрешна, посебно по изборот на Доналд Трамп за претседател. Додека високи 55 проценти Европјани сметаат дека Американците се движат во погрешна насока, наспроти 17 кои сметаат дека е добра, дури 47 проценти од Македонците се на став дека САД се движи во исправна насока, а 25 во погрешна.

Слично е и со прашањето за Европската Унија. Дури 56 проценти од Европјаните сметаат дека Унијата оди во погрешен правец, наспроти 23 кои сметаат дека е на вистинскиот пат. Кај Македонците е обратно, 54 отсто се на ставот дека ЕУ се движи во вистинскиот правец, а со спротивен став се 25 проценти од македонските граѓани.