Македонија
11. December 2017 - 11:30

Ако ве касне куче скитник - ви следува отштета!

Град Скопје и “Комунална хигиена“ исплаќаат отштета на граѓани што биле каснати од улични кучиња и кои потоа тужеле на суд и добиле надомест на штета. Како што известуваат градските власти, на годишно ниво има по десетина тужби од граѓани поради напади од бездомни кучиња. 

Просечно во Скопје секој ден се уловуваат од 120 до 170 кучиња скитници, а дел од нив повторно се враќаат на улица. Кучињата кои што и по две недели нема кој да ги вдоми, се враќаат на местото од каде што се уловени. Во 2015 година биле вдомени 175 кучиња.

Од  ЈП “Комунална хигиена“ велат дека откако граѓанин ќе пријави кај нив дека е каснат од куче скитник, службите веднаш излегуваат на терен за да го најдат кучето и да проверат дали има беснило.

За каснувањето, граѓанинот може да бара отштета која јавното претпријатие и градот Скопје солидарно ја делат. 

Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.