Македонија
17. August 2017 - 12:44

Акција за заловување кучиња скитници во Куманово

Секторот за инспекциски надзор и стручни екипи, при општина Куманово спроведува акција за заловување кучиња скитници  на територијата на општината.
 
Ова e четврта акција организирана од општина Куманово, годинава која се реализира  во соработка со Ветеринарно - сточарскиот центар „Тодор Велков“ за период од два месеца, информираше денеска, комуналниот редар, Гордан Таневски од секторот за инспекциски надзор.
 
- Акциите се одвиваат во континуитет. Општина Куманово во соработка со ветеринарно - сточарскиот центар „Тодор Велков“ работи по пријава на граѓани. На територијата на општина Куманово тоа го правиме плански, територија по територија, се зафаќа поголем опфат. Куманово е голема општина така што ние како одговорни сме задоволни од работата на Ветеринарно - сточарскиот центар „Тодор Велков“, кој го има добиено тендерот од страна на општината, изјави Таневски.
 
За акциите за заловување на кучињата општината издвоила 800.000 денари без данок на додадена вредност. Откако ќе се заловат, кучињата бездомници подлежат на третман во прифатилиштето во Четирце кое располага со четириесет кафези.
 
- Во рамки на четирите акции досега се заловени околу 100 кучиња со тоа што сите кучиња подлежат на вакцинирање, се чуваат триесет дена во стационарот во село Четирце со кој располага „Тодор Велков“-додава Таневски.
 
Надлежните посочуваат дека изминатиот период имале дојави од граѓаните дека несовесни кумановци од своите возила истоваруваат поголем број кучиња на јавно прометни површини, поради што општина Куманово поднела  пријава во СВР Куманово против непознат сторител.  
 
Инаку, со средствата од претходниот тендер биле реализирани педесетина акции во кои биле заловени 450 кучиња скитници.