Македонија
23. July 2017 - 15:57

Акција за уништување на авионската бомба пронајдена во близина на штипска „Актива“

Во тек е акција за уништување на авионската бомба која пред речиси еден месец беше пронајдена во близина на штипската фабрика „Актива“.

Акцијата требаше да почне во 10 часот претпладнево, но беше стопирана од страна на сопственикот на „Актива“ Илија Николов со образложение дека при најмал потрес ќе има големи штети не само на објектот туку и на десетте ласерски машини кои по потресот ќе мора дваесетина дена да бидат штелувани и потоа да бидат вклучени во процесот на производство. Штета, според него, ќе има компанијата, но и странските партнери од Белгија и САД, каде што ги извезуваат деловите за автобуси. 

По четири часа застој тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување и на министерствата за одбрана и за внатрешни работи одлучија дека акцијата за уништување на оваа авионска бомба мора да продолжи како што е донесена одлуката. 

Капетанот Трајчо Савески, кој е дел од стручниот тим  на АРМ за уништување на бомбата истакна дека станува збор за авионски проектил кој има тежина од 250 килограми, а во него наместо 70, како што првично се информираше има 160 килограми експлозив тротил. Според него и според стручниот тим, дислокација не може да се направи поради запалките на бомбата од кои една е хемиска.

- Утврдено е дека станува збор за хемиска запалка која е од посебен карактер и за која не се препорачува поместување на самата бомба. Конкретно самите запалки не доаѓа во предвид да се одвртуваат или на кој било начин да се третираат, рече Савески.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу рече дека одлуката за детонирање на бомбата е донесена и се преземаат сите мерки за неутрализирање на разорното дејство по блиската околина, а за што авионската бомба е веќе поставена во дупка во длабочина од четири метри.

- Ќе ја закопаме со два метри пасок, а потоа на висина од тие четири метри ќе поставиме кадрони и талпи, рече Салиу. Појаснува дека при експлозијата песокот ќе ја амортизира брзината на движењето на шрапнелите кои би се забиле во кадроните. Според негова проценка, но и на стручниот тим од АРМ уништувањето на авионската бомба ќе се случи околу 16 часот.

За време на уништувањето на бомбата превентивно нема да има напојување со електрична енергија во делот од индустриската зона околу „Актива“.  

Оваа авионска бомба на 6 април 1941 април била фрлена од германски авион за да го уништи аеродромот „Сушево“, но повеќе од седум децении откако не екслодирала ја пронајде багерист кој копаше темели за новиот погон на штипската фирма „Актива“.