Македонија
8. February 2017 - 14:33

Академик Маџунков: Двојазичноста е опасен авантуризам- води кон уништување на народот и државата

Двојазичноста што сега лицемерно се користи за политичка борба е опасен авантуризам кој води во уништување на нашата држава и на нашиот народ. Ниту еден јазик неможе да преживее во двојазичноста или мултијазичноста ако нема матична држава каде што тој јазик се чува и негува, порача  академик Митко Маџунков на промоцијата на 50 нови наслови од едицијата „Светско книжевно богатство“, што се одржа вчеравечер во Македонскиот народен театар.

Свидетели сме, потенцира, на една агресија незапаметена во историјата на народите, кога се прават обиди да се смени името на нашата држава и да се ископачи нашиот јазик.

Потенцирајќи ја потребата од заштитата, подемот и афирмацијата на нашиот книжевен јазик рече дека македонскиот јазик е поголем одошто сме и самите свесни, но оти неговата големина не може да ни донесе никаква утеха доколку биде уништен.

Јазикот, нагласи, е еден од главните атрибути на секој народ, а тоа значи дека официјалниот јазик на една држава не може да се менува во зависност од демографската состојба.

– Нема држава без јазик и нема државен опстанок без јазик. Албанците, Србите, Турците и сите други народи кои живеат во Македонија имаат свои матични држави каде што нивниот јазик е заштитен. Тоа не е случај со Македонија. Ни побогата држава од нас не би можела да ги поднесе  само материјалните трошоци на еден таков експеримент. Тоа не значи на другиот да не му се даде она што му припаѓа. Тоа значи да му се даде се што му припаѓа, но не и да му се дуплира, триплира државата за сметка на сопствениот опстанок, рече Маџунков.

Според него, ситуацијата со двојазичноста дури и на сега прифатеното рамниште е на работ од одржливоста. – Во културата, на пример тоа значи да се прифаќаат дела за кои не знаеш што содржат. Понатамошната ескалација на таа шизофрена состојба неминовно би довело до уривање на сите институции па така и на државата,  рече Маџунков.

Нагласувајќи дека академиите на науките и уметностите насекаде низ светот се формираат главно за заштита на националниот јазик праша што би станало со МАНУ во услови на двојазичност. Би биле, нагласи, нужни две академии, а со тоа и две држави.

Читаме, посочи академик Маџунков, дека Македонија не била држава и требало да се подели. Тоа се, наведе, познати тактики: првин ќе се зададе една нереѓлива домашна задача, како што е промената на името и двојазичноста, апотоа ќе се констатира дека државата не постои и треба да се брише од картата на светот.

– Се сугерира промена на границите, а се заборава декла тоа секогаш водело, а и сега води во ошта војна. Ние немаме друга држава. Ова е нашата единствена, а не резервна татковина. Ние немамем ни друг јазик. Ние што живееме во неговиот скут, немаме каде на друго место да се засолниме. затоа името и јазикот треба да ги чуваме како  нешто без што нема опстанок. Се друго е трговија, наведе академик Маџунков, во обраќањето на промоцијата на новите изданија од едиицјата „Светско книжевно наследство“.