Македонија
28. November 2015 - 9:27

„Ајнштајновите соништа“ премиерно во прилепскиот театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечер премиерно ќе биде прикажана претставата „Ајнштајновите соништа“ од Алан Лајтман, во режија на Слободан Унковски. Претставата е во копродукција со теaтар „Навигатор Цветко“.

Драматизацијата е на Русомир Богдановски, музиката на Златко Ориѓански.

Претставата „Ајнштајновите соништа“ испитува различни аспекти на времето и ја покажува неговата релативност преку едно шаренило од разиграни светови. Во некои од овие светови времето се движи наназад, а во други се врти во круг. Некогаш прелетува со огромна брзина, а некогаш воопшто не минува. 

Режисерот Унковски изјави дека станува збор за еден интересен текст, не права драма. - Користевме делови од драматизацијата на Русомир Богдановски, исто така и делови од романот. Девет актери, четворица од Прилеп и четворица од Скопје се споија и успеаја да го развијат процесот, рече тој. Идејата за претстава, според него, е стара 20 години.