Балкан
26. May 2017 - 10:21

Ajде: Не сме близу до спогодба за Женевската конференција за Кипар

Специјалниот претставник на Обединетите нации за Кипар, Еспен Барт Ajде призна дека двете етнички заедици на островот се уште не се близу до спогодба во однос на свикување на новата Женевска конференција, како таа во јануари, јави АНА-МПА.

- Сакам да бидам искрен, конференцијата за Кипар не е блиску до спогодба, изјави Ajде по вчерашните одвоени средби со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи.

- Вчерашните средби покажаа дека напорите за свикување нова Женевска конференција продолжуваат, но досега нема резултат. Изгледа дека е мошне тешко, нема резултат, но дијалогот за островот продолжува, додаде Ajде. 

Тој го потенцира како позитивен елемент фактот дека и двајцата кипарски лидери за заложиле дека ќе сторат се што е во нивна моќ за да го решат проблемот за островот и оти тие сакаат тоа да се случи во Женева, но нагласи дека „тие се се уште далеку во однос на методологијата на целиот процес“.

Весникот „Катимерини“ ја коментира ова изјава како пресврт во однесувањето на Ajде, со оглед на тоа што во период од 24 часа тој ги променил оценките во однос на таа конференција. 

Ajде изјави дека ќе продолжи „шатл дипломатијата“ и додаде дека „не е лесно, со оглед на тоа дека суштината е во деталите, кои се важни и за двете страни во Кипар“. 

Преговорите за обединување на Кипар се во застој, со оглед на тоа дека и двете страни се обидуваат да постават свои услови за евентуална нова средба во Женева.

Анастасиадис сака на средбата да бидат разгледани најтешките прашања, а Акинџи бара сите прашања да бидат дискутирани наеднаш.

Кипар е поделен од 1974 година, при што неговиот северен дел беше окупиран од Турција како одговор на националистичкиот државен преврат, кој имал за цел приклучување на островот кон Грција. 

Анастасиадис и Акинџи во мај 2015 година ги почнаа преговорите, кои создадоа реални надежи за повторно обединување на островот. Преговорите сепак наидуваат на препреки најмногу по прашањето за територијална поделба меѓу двете идни составни делови на обединетата држава.