Македонија
20. January 2017 - 20:14

АХВ будно ја следи состојбата со птичјиот грип во регионот и Европа

Во Македонија нема птичји грип. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како што соопшти, будно ја следи состојбата со болеста во регионот и Европа и е во континуирана и координирана комуникација со ветеринарните служби од соседните држави.

Според АХВ, птичјиот грип бил тема на завчерашниот координативен состанок што го одржал директорот Зоран Поповски во својство на претседател на Националниот центар за контрола на болести, со претставници од 15-те релевантни институции, членки на ова тело.

- Целта на состанокот беше координирање на активностите и обврските на секоја од институциите за преземање соодветни мерки за брзо и ефикасно справување со евентуална појава на птичји грип во Република Македонија. Се дискутираше за состојбата со болеста во Европската унија и во регионот, особено во соседните земји Бугарија, Грција, Црна Гора и Србија, а презентирани беа и сите досегашни активности и преземени превентивни мерки од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

На состанокот, додава АХВ, биле разгледани и сите можни сценарија при евентуална појава на болеста, како и начинот на делување за справување со птичјиот грип.