Македонија
17. October 2017 - 14:01

Ахмети-Рама: Албанија е заинтересирана за политичка стабилност на Македонија

Претседателот на Демократската унија за евроинтеграција Али Ахмети денеска по средбата со претседателот на Владата на Албанија Еди Рама изјави дека разговарале за актуелните политички случувања во Македонија и за можностите за идна соработка.

- Имавме многу корисна средба, го информирав за политичките збиднувања во земјава околу локалните избори и сите процеси што се одвиваа затоа што имаше голем интерес од премиерот Рама, изјави Ахмети.

Според него, Албанија е многу заинтересирана за политичката стабилност, односно за одржлива стабилност на Република Македонија.

- Премиерот Рама не охрабри да продолжиме исто така и во вториот круг и Република Македонија да продолжи со започнатите процеси кон спроведување на реформите во судството и на патот кон евроатлантската интеграција. Посака да имаме успех и беше заинтересиран и за продлабочување на соработката на нашите две земји и за имплементација на сите билатерални договори, рече Ахмети.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ахмети во врска со платформата на Албанците рече дека Рама не е дојден во Скопје да прави скопска платформа, туку поради Самитот 100 на кој се премиерите од ЈИЕ и ја искористил приликата да се сретне, како што кажа лидерот на ДУИ, и со пријатели.

Ахмети ги отфрли тврдењата од другите партии на Албанците во Македонија за притисоци врз гласачите за време на првиот круг од локалните избори. 

- Не сакам да коментирам измислици. Ова е лажна вест за притисок кон граѓаните. Ако имало такви случаи нека ги пријават во Државната изборна комисија и во другите институции. Јас не сум дежурен во ДИК ниту во Обвинителство и не правам такви работи. Јас сум претседател на партија и ме интересира процесот да биде слободен, фер и демократски, рече Ахемети.

Во вториот круг од локалните избори очекува првенствено граѓаните да ја изразат својата волја слободно. Ги демантираше информациите дека неговата партија има тајни договори со други политички партии за поддршка на следниот круг на локалните избори.

- Ние никогаш не сме правеле скриени договори или какви било акробации и ќе се обидеме и понатаму да садиме позитивна енергија и е многу значајно луѓето да гласаат слободно и да се определат слободно за најдобриот кандидат којшто ќе ги предводи општините во иднина, рече Ахмети.

Кажа за секоја активност што ќе ја преземат ќе ја информираат јавноста.

Албанскиот премиер Рама денеска во Скопје освен со Ахмети се сретна и со лидерите на Алијансата за Албанците и на БЕСА, Зијадин Села и Биљал Касами,како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Синоќа тој имаше средба и со премиерот Зоран Заев.