Македонија
24. November 2017 - 13:42

Ахмети и Џафери не се појавија на суд, Богоевски не чувствува потреба за извинување

Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2 рече дека не чувстува потреба да им се извини на Али Ахмети и Муса Џафери, кои го тужат за клевета.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери, кои не дојдоа на рочиштето, во тужбата бараат вкупна отштета од 5,5 милиони денари. Ахмети бара три милиони отштета, а Џафери 2,5 милиони денари.

Одбраната на Богоевски побара од Судот да ја отфрли тужбата. Богоевски смета дека тужбата е апсурдна и оти никаде не зборувал за овој случај освен во Комисијата за заштита и во Судот во Њујорк.

Во сведочењето пред Судот во САД Богоевски, како што беше објавено во јавноста, рекол дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија за поткуп на поранешниот премиер Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.

Поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб и Андраш Балог, кои беа обвинети во САД дека поткупувале македонски политичари, признаа вина и се спогодија да платат парични казни.