Балкан
23. February 2016 - 20:04

Ахметај: Албанија ќе ги затвори границите заради бегалската криза само по консултации со ЕУ

Албанија ќе ги затвори своите граници заради бегалската криза само по консултации со Европската унија, изјави албанскиот министер за финансии, Арбен Ахметај, цитиран од грчкиот весник Њуз.ин.

Пред него министерот за одбрана Мими Кодели изјави дека Тирана е подготвена да прими бегалци од Сирија, но само како транзитна земја.

Пред комисијата за безбедност на албанскиот Парламент, Мими Кодели, појасни дека оваа состојба произлегува од желбата на самите бегалци, кои, според нејзините зборови, не сакаат да останат постојано во Албанија, како и во некоја земја од Балканскиот Полуостров.

За оваа цел таа изјави дека е во постојани контакти со своите колеги од Италија, Црна Гора, Македонија, Хрватска и другите држави, за да се постигне взаемно дејствување во однос на процедурата за патување на бегалците кон Европа.

Иако Албанија нема инфраструктура за бегалци, властите во земјата информираа дека планираат да изградат два прифатни центри - едниот во градот Џирокастро, а вториот во регионот на Деволи, во областа Корча.

Албанската министерка за одбрана, исто така, кажа дека веќе е формирана меѓуресорска комисија за решавање на бегалскиот проблем, на чело со вицепремиерот и со учество на министрите за одбрана и за внатрешни работи, на шефот на полицијата и на претставници на специјалните служби.

Мими Кодели уште додаде дека е во контакт со компетентните служби на соседните земји, за да бидат идентификувани „криминалните елементи“ меѓу бегалците кои користејќи ја бегалскиот бран ќе се обидат да стигнат до посакуваната дестинација.