Македонија
14. November 2015 - 15:23

Адеми на одбележување на 70-годишнината на ОУ „Беса“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на одбележување на седумдесет години од основањето на Основното училиште „Беса“ во тетовското село Вешала.

- Денес е реткост да бидеш дел од прослава на јубилеј и тоа не помалку, туку 70 години од основање на училиште, како што е основното „Беса“, овде во Вешала. Пред 70 години, наставата почна во една училница во училиштето кое тогаш се викаше „Агими“, и каде благодарение на првиот учител Хисни Вела, децата од овој крај, ги научија првите букви и бројки, истакна Адеми.

Денес, рече министерот, над 100 ученици во централното и во подрачното училиште во село Бозовце, се образуваат по светските трендови.

- Со инвестицијата на Министерството за образование и наука, кое издвои над 3,5 милиони денари, учениците добија парно греење, а беше заменета и столаријата, додаде Адеми, напоменувајќи дека образованието е највредната работа на светот.

Образованите млади луѓе, потенцираше тој, се двигателите на една држава.- Развиена земја, значи и образован народ. Уверен сум дека голем дел од овие ученици по завршување на основното и средното училиште, своето образование ќе го продолжат на еден од универзитетите во Република Македонија, но и надвор од нејзините граници, рече Адеми.