Македонија
3. October 2015 - 14:54

Адеми апелираше за повисоко ниво на безбедност во училиштата

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми е задоволен што полицијата бргу ги открила сторителите кои со спреј испрскале непозната материја во средното училиште „Арсени Јовков“ и апелираше до директорите овој случај да им биде поука за повисоко ниво на безбедност во училиштата. 

- Пред се сум среќен што тој настан немаше никакви последици врз здравјето на учениците. Среќен сум и што МВР и истражните органи брзо стигнаа до виновниците. Овој настан треба да ни послужи да се подигне нивото на безбедност и сигурност во училиштата. Исто така, овој настан треба да им служи и на останатите училишта и нивните директори за повеќе да се ангажираат за безбедноста на учениците во училиштата. Апелирам до сите директори на основни и средни училишта во Македонија повеќе да работат и со родителите, и со наставниците, и со учениците, но и со лицата кои ги имаат ангажирано за обезбедување на училиштата, изјави Адеми по обраќањето на настанот „Градиме мостови“. 

Тој додаде дека училиштата не се институции во кои треба се да се провери затоа што тие, рече тој, им припаѓаат не само на наставниците и вработените, туку и на учениците и родителите.

- Тоа е заеднички дом на сите и сите треба да се грижиме нашите деца таму да се чувствуваат безбедни и во позитивна атмосфера, како да се дома, рече Адеми.  

Сторители на нападот со спреј се три момчиња - 20-годишник кој го донел спрејот, и двајца малолетници на 16 и 17 години. 

Инцидентот се случил во средата, по што 14 ученици и еден професор беа примени на Клиниката за токсикологија со симптоми на кашлање и солзење на очите.