Ракомет
15. May 2017 - 16:26

Абутовиќ го продолжи договорот со Вардар

 
 Илија Абутовиќ, специјалистот за одбрана ќе биде дел од Вардар и во следните три сезони, информира денес македонскиот ракометен шампион.
 
- Со нашиот лев бек кој најчесто има одбранбени задачи е договорено да остане во клубот најмалку до јуни 2020 година. Неговите добри игри сезонава беа препознаени и од ЕХФ и тој е вклучен меѓу кандидатите за најдобар одбранбен играч во лигата на шампионите. Важи за голем и бескомпромисен борец, кој својот придонес во играта го покажува најмногу преку одбранбените задачи. Тој е важен дел од одбранбениот бедем пред голот на Вардар, соопштија од таборот на „црвено-црните“.
 
Абутовиќ од 2011 година е дел од Вардар и беше дел од најголемите клупски успеси, меѓу кои и трите титули во СЕХА лигата, трите настапи во четврт-финалето на ЛШ, пласманот на Ф4 турнирот во ЛШ и неколкуте шампионски и куп титули во домашното првенство.
 
- Одбраната секогаш е важен дел во играта, а токму Илија Абутовиќ е еден од нашите најдобри играчи. Секоја година Вардар игра сѐ подобра одбрана, и токму Абутовиќ е еден од главните играчи таму. Со неговото останување во клубот веруваме и одбраната ќе продолжи на истото ниво, па дури и подобро во иднина, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.