Свет
22. December 2017 - 14:50

Абас: Палестинците нема да прифатат никаков мировен план предложен од САД

Палестинците нема да прифатат никаков мировен американски план во израелско-палестинскиот конфликт, затоа што САД се дискредитираа со признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, изјави денеска во Париз палестинскиот претседател Махмуд Абас.

- Нема да прифатиме никаков план на САД. Со одлуката за Ерусалим тие самите се дисквалификуваа, рече Абас по состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон.

Одлуката на САД да го признае Ерусалим за главен град на Израел ги декласира во однос на ова прашање, истакна Maкрон.

 - Американците се маргинализираа, се обидувам да не го направам истото, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Абас.

- Дали е ефикасно еднострано признавање на Палестина? Не сметам, затоа што тоа би било реакција на американската одлука која предизвика стресови во регионот. На една грешка би одговорил со друга грешка, изјави Макрон и истакна дека ставот на Франција нема да го гради како реакција на американската политика.

Францускиот претседател, кој следната година ќе го посети регионот, повторно изрази несогласување со американската одлука и потсети на ставот на Франција дека не може да има решение без договор меѓу двете засегнати страни.