Кошарка
9. February 2016 - 9:06

АБА лига: Несреќен пораз на МЗТ Скопје од лидерот Будуќност

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром синоќа е поразена на домашен терен од лидерот на табелата во регионалната кошаркарска АБА лига Будуќност со 72:68.
 
Македонскиот шампион одигра одлична прва четвртина по која имаше водство од 10 поени разлика (25:15). Гостите од Подгорица во втората четвртина возвратија соодветно и со серија од 15-1 успеаја да го преземат водството во своја корист и на полувреме да заминат со минимална предност.
 
Во второто полувреме се играше неизвесено се до самиот финиш на средбата. МЗТ Скопје имаше водство од четири поени разлика на пет  минути до крајот на натпреварот, но не успеа да ја задржи таа предност. При водство на аеродромци од 68:67, Омар Кук постигна тројка со која му донесе водство на Будуќност. Во последниот напад на домашниот состав, прво Дамјан Стојановски, а потоа и Марко Луковиќ не успеаја да реализираат, додека на спротивната страна при контра напад поентираше Суад Шеховиќ.
 
Тадија Драгичевиќ постигна 17 поени, додека Алекс Мариќ и Суад Шеховиќ беа стрелци на 12 поени кај победничкиот состав.
Кај МЗТ Скопје, Ѓорѓе Дреновац постигна 15 поени, Дамјан Стојановски 11 поени, додека Марко Љубичиќ средбата ја заврши со 10 поени.
 
Со оваа победа црногорскиот тим има ефект 21 победа и само два пораза, по што го обезбеди првото место на табелата и стартниот број 1 во разигрувањето за титулата, додека МЗТ  со биланс девет победи и 14 порази е во групата на пет екипи од 8-12.место и се уште нема обезбедено опстанок. 
 
Следен натпревар за македонскиот шампион во АБА лигата е гостувањето кај Задар кое е закажано за петок со почеток од 20 часот.