Бизнис
29. јуни 2017 - 20:02

Аанѓушев: Владата нема да се меша во бизнисот, само ќе креира услови за раст на компаниите

Инвестиции во капитални проекти, поддршка на извозната активност и зголемување на соработката на странските инвеститори со домашното стопанство, ќе бидат приоритети на владата, најави вицепремиерот Анѓушев, зборувајќи за економските политики пред компаниите од Европската бизнис асоцијација.

– Ќе ги поддржиме сите компании кои ќе бидат извозно ориентирани. Државата нема да се меша во бизнисот, туку ќе создава услови и капитални инвестиции, одржливи на подолг рок: патишта, гасоводна мрежа, далекуводи, инфраструктурно поврзување. Тоа ќе биде приоритет, само тука Владата ќе биде работодавач и на ниту едно друго место, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Од преземањето на власта исплатени се 2,5 милијарди денари поврат на ДДВ, што според министеорт Тевдовски, е и до двојно повеќе од просечните суми на поврат претходно. За сметка на тоа тој ги повика компаниите да се впуштат во инвестиции од што корист ќе има и стопанството и државата во прибирањето на нови приходи.

– Најголема наша задача е да овозможиме капитални инвестиции и развој. Економијата мора да се движи, да се финансира, но паметно, евитно. Апелирам бизнис секторот да гледа инвестициски можности, да почне тркалото поинтензивно да се врти зашто без економска активност од ваша страна, ќе биде проблем да продолжиме, нагласи Драган Тевдовски, министер за финансии.

Економскиот тим на владата најави транспаретност на трошењето, етапни измени во даночната политика со напоредено подобрување на ефикасноста на институциите,  како и промени на законите во клучни сфери како што се јавните набавки, енергетиката и образованието за да се обезбеди услови за поконкурентна економија.