Свет
15. July 2016 - 16:36

84 загинати над 100 повредени во терористички напад во Ница

 Методите на терористите за масовно убиство на недолжни цивили се се позастрашувачки.

Изборот на терористичкиот чин, камион што ќе влета во толпа народ и ќе убие што повеќе, мажи, жени и деца и тоа на симболичен ден, според сите обележја зборува за дело на Исламската држава, или индивидуалец нејзин симпатизер, сметаат експертите.

 Половина час пред полноќ, кога 100 илјади Французи и туристи го следеа спектакуларниот огномет по повод  националниот празник, Денот на падот на Бастиља, камионот што се движеше долж шеталиштето во приморскиот град Ница, преполно со луѓе, нагло ја зголеми брзината, притоа покосувајќи секој што му се најде пред тркалата.

Според сведоците камионот се движел речиси 2 километри пред возачот да биде убиен, што предизвикало паника и стампедо кај илјадниците присутни.

 Убиениот терорист е 31 годишниот Мохамед Лахуеџ Бухлел, жител на Ница, со француско и туниско државјанство, кој досега и бил познат на полицијата само за помали кривични дела, но не и регистриран како екстремист и потенцијален извршител на терористички акти. Во изнајмениот камион полицијата пронашла и неактивирана бомба. Џихадисти на твитер тврдат дека нападот е освета за Абу Омар Шишани, убиениот министер за војна на Исламската држава.

За Претседателот на Франција, Франсоа Оланд нема сомнеж дека нападот во Ница е терористички чин.

,,Уште еднаш видовме екстремно насилство и очигледно е дека мора да сториме се за да се справиме со овој тероризам. Возачот кој го застрелавме, истражуваме дали бил поврзан со други лица. Франција е нападната на нејзиниот национален ден, 14. Јули, нашиот национален симбол, бидејќи тој е поврзан со човековите права кои се нападнати од фанатици‘‘, изјави Оланд

Оланд потврди дека вонредната состојба во земјата се продолжува за уште три месеци и го повика резервниот состав на армијата и полицијата бидејќи цела Франција е под закана од исламскиот тероризам.

Светските лидери во реакциите изразија огорченост од чинот и поддршка за францускиот народ. Американскиот државен секретар Џон Кери вети дека САД ќе испратат каква било помош до Франција ако биде потребна.

Терористичкиот напад во Ница е трет во континуитет на тлото на Франција, по упадот во редакцијата на сатиричниот магазин Шарли Ебдо и нападот што на три локации се случи во Париз, пред точно 8 месеци, во кој загинаа 130 лица.