Македонија
28. August 2016 - 16:49

73- годишен старец е фатен како шверцува половина килограм кокаин

Дедо од Гостивар за 700 евра шверцувал половина килограм кокаин. На средината на месецот 73 годишникот од непознато лице од Албанија во преземал црна патничка торба во која имало 580 грама дрога и половина од парите награда за транспортот. Кокаинот требало да го пренесе во Виена каде ќе му било доплатено ако успешно ја заврши работата. Дедото на 20 август со автобус тргнал за Австрија , но на граничниот премин Табановце паднал во рацете на македонската полиција.

- На 20.08.2016 година на ГП Табановце на излез од Р.Македонија во автобус со охридски регистарски ознаки кој сообраќал на линија Струга-Виена, од страна на полициски службеници и царински службеници од Царинската Управа на РМ, автобусот  е селектиран за детална контрола и при претрес пронајдена е патничката торба на седиштето до пријавениот и во неа пронајдено е полиетиленско пакување со прашкаста материја, за што по извршени прирачни тестови утврдено е дека се работи за наркотична дрога кокаин. Пронајдената прашкаста материја, соопштуваат од МВР, е доставена до Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење, при што од извршеното вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога кокаин во количина  од 580 грама, изјави Дејана Недељковиќ, портпарол на МВР.

Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар надминува  30.000 евра. Против дедото од Гостивар поднесена е кривична пријава и определена му е мерка притвор во трање од 30 дена. Тој и од претходно и бил познат на полицијата со сторени слични кривични дела.