Македонија
20. February 2017 - 8:47

70 години Државно музичко училиште во Битола

Државното музичко училиште-Битола синоќа одбележа јубилеј - 70 години од формирањето.

Јубилејот ќе се слави во текот на целата година, а почетокот беше најавен со синоќешниот концерт на кој 9. Симфонија, 4.став од Лудвиг ван Бетовен ја изведоа сегашни и поранешните ученици во Државното музичко училиште-Битола, Игор Дурловски-баритон, Билјана Јосифов-сопран, Николина Јаневска-алт и Никола Стојчевски-тенор.

- Државното музичко училиште почна со работа со едно пијано и две труби на 17 февруари 1947 година. Во 1962 година покрај основното, со работа почнува и средното музичко училиште во кое до денес учеле 51 генерација со 980 ученици кои матурирале. Многу наши ученици денес се оркестранти во операта или филхармонијата, работаат како наставници или на друг начин се посветени на музичката уметност. За синоќешниот концерт формиравме специјален симфониски оркестар со 65 оркестранти од различни генерации кои свиреа под диригентската палка на Сашо Татарчевски, заедно со 100 хористи исто така наши ученици, студенти и наставници кои учеле во училиштето, истакна Василчо Пецаковски, директор на училиштето.

На синоќешниот концерт по повод јубилејот 70 години Државно музичко училиште, во Битола настапија и поранешни ученици кои се занимаваат со популарна музика, односно Каролина Гочева, Влатко Лозановски, Димитар Андоновски и Денис Димовски кој во чест на поранешниот ученик Тоше Проески ја испеа песната „Тајно моја“ која наскоро ќе биде изведена и во истоимениот мјузикл.