Македонија
26. April 2017 - 23:05

59-ти ден протести на иницијативата „За заедничка Македонија“

По двата дена пред штабовите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, денеска протестниот марш се движеше по старата позната патека на државноста, од Влада, покрај народната канцеларија на претседателот до Собрание. И на 59-тиот ден граѓаните дадоа масовна подршка на иницијативата За Заедничка Македонија.

Од граѓанската иницијатива и попладнето повикаа на нови избори, а подршка на протестите добија и од претставници на риболовната федерација.

- Изборите се патот ако навистина сакаат да менуваат име знаме, грб, химна и повелете излезете на избори па ќе видите како ќе си поминете, изјави Богдан Илиевски, иницијатива За Заедничка Македонија.

- Нема да дозволиме да се инсталира тиранска платформа, платформа која ќе значи крај на унитарноста на нашата Македонија, платформа која ќе доведе до федерализација. Никој нема право да го направи тоа без наша поддршка, поддршка од мнозинството граѓани. Ќе продолжиме да го искажуваме отпорот и денеска и секој нареден ден, за да ја зачуваме нашата унитарна Македонија., изјави Бранко Јанушев, претставник до Риболовната федерација.

- Живееме по ова сонце на нашето знаме, под ова сонце што не грее, под сонцето за кое се бореле нашите предци, а ние никогаш нема да дозволиме тоа сонце да згасне, изјави  Владо Дојчиновски, актер.

Граѓаните кои 2 месеци протестираат велат дека се против тиранската платформа, а според нив нови избори се единствено решение за изез од кризата.

И утре од граѓанската иницијатива закажаа нов протест во 17 часот пред Влада.