Македонија
29. July 2017 - 20:31

50 годишен прилепчанец пронајден мртов во својот дом

Доцна синоќа, прилепчанка си го пронашла мртов својот брат во неговиот дом. Имено, според наводите од Полицијата, синоќа, околу 22.30 часот, 46-годишната М.С која живеела во населбата Точила во Прилеп, откако завршила со работа, пристигнала во посета на нејзиниот брат Т.С. (50) кој во својата куќа на улицата “Битолска”, живеел сам. Таа го пронашла во безживотна состојба. Забележувајки модринки во пределот на главата и по телото, сестрата се посомневала дека е можно да станува збор за насилна смрт, па веднаш ја известила  Полицијата, како и Службата за Итна помош. Дежурниот лекар, за жал, само ја констатирал смртта која, според првичните информации, најверојатно  настапила уште пред неколку дена.

По наредба на Јавен обвинител, над телото на починатиот извршена е обдукција, со цел утврдување на причините кои довеле до кобниот крај на 50-годишниот прилепчанец. ПС Прилеп презема мерки за расчистување на случајот. 

Инаку, ова е втор случај за период од една година -  мртов човек случајно да биде откриен во својот дом. Пред една година, во стан, во строгиот центар на Прилеп, мртов беше пронајден старец, повратник од странство, а за чија смрт, истрагата утврди дека е виновен извесен  брачен пар Роми од Прилеп со кој жртвата бил во пријателски односи.